Угостителите на протест се до исполнување на барањата за спас на секторот

Угостителите на протест се до исполнување на барањата за спас на секторот
БизнисРегулатива | 15.04.2021

15.04.2021, Скопје – Финансиската помош која се обезбедува за поддршка на реалниот сектор нема континуитет, а по цела година не постојат ни протоколи за работа за сите дејности кои би можеле да се почитуваат. Секторот угостителство се соочува со бројни предизвици, условите за работа не овозможуваат ни приходи за покривање на основните трошоци. Во такви околности со загрозена егзистенција на цел сектор, кој нема ниту основна помош, иако беше ветувана, нема повеќе простор за чекање, сите граници се поминати. истакнаа денес од Туристичко угостителската комора на Македонија.

„Не постои континуитет на економските мерки со цел задржување на работните места и опстојување на деловните субјекти, а веќе ни основна помош не е доволна за да преживеат луѓето кои работат во овој сектор. Цела година сме предмет на јавно линчување иако помошта која ја добивме беше минимална и обременета со многу критериуми. Угостителскиот сектор од 14.03.2020 година, се до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосни рестрикции, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Затоа денес Туристичко-угостителската комора, ги презентира барањата за мерки за поддршка на угостителскиот сектор и најавува радикализирање на делувањето кое ќе трае се додека овие мерки целосно не се реализираат“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на ТУК.

ТУК бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, и кои со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места туку немаат никаква помош ни за основните трошоци за егзистенција и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители.

„Потенцираме дека под помош не сметаме понуди од владата за користење на кредити од Развојна банка, тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаме два. Бараме еднократна финансиска помош за секој од регистрираните над 100 категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа“, истакна Ангеловски.

Барањата вклучуваат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителските објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година.

„Бараме утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, се додека не ни дозволи владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор. Ако може владата на нас со уредба да ни забрани да работиме, може со уредба да утврди банките додека не работиме да не ни ја цицаат крвта и да не задолжуваат заканувајќи ни се дека ќе останеме на улица без дом и егзистенција“, изјави Ангеловски.



Сподели