16.04.2021, Скопје – Секторот туризам е еден од најпогодените сектори во периодот на пандемијата, за нашите државјани се затворени границите на речиси сите европски држави, а поради рестриктивните мерки на движење во другите држави, нема ниту странски туристи. Дополнително и капацитетите на објектите од овој сектор беа под извесни рестриктивни мерки не можејќи и да сакаат да ја извршуваат својата дејност. Големиот број на заболени граѓани, немањето вакцини, намалената платежна моќ на граѓаните го става туризмот и патувањето како последна точка на интерес. Приход во изминатите 13 месеци е со пад од 85% до 100%, додека нашите трошоци се уште се акумулираат, потенцираат од Туристичко-угостителската комора.
„Повеќе од една година ситуацијата со корона вирусот континуирано е лоша, без изгледи за нејзина стабилизација. Проблемот со кој се соочуваат туристичките агенции е континуиран и се однесува на немање можност за работа, плаќање на режиски трошоци и трошоци за плати, без да се остваруваат никакви приходи. Заради тоа што сме дел од економијата на нашата земја во која придонесуваме и сме дисциплинирани во плаќање даноци и такси во нормални услови на живот и работа, инсистираме да ни се помогне да опстанеме во овој тежок период за нас и да не се дозволи секторот туризам да се уништи и да згасне“, изјави Ана Марија Алексова.
Таа истакна дека сите се надеваат и сакаат да работат и заработат самостојно како и до сега, но поради виша сила, односно пандемија, туристичките агенции, хотелите и другите придружни дејности се пред колапс, затоа е неопходно институциите да помогнат за овој сектор да опстои. Ситуацијата е толку неизвесна што поради состојбите со корона вирусот во светот, секојдневно се менуваат условите за влез и излез, што оневозможува да се планираат туристички патувања и оваа година.
„Бараме неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција со цел опстанок и ликвидност на компаниите за 2021 година, а ваучерите кои ќе се доделуваат од Владата за кампањата „Дома си е дома“, задолжително да се користат преку туристичките агенции, кои ќе можат во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам како хотели, категоризирани објекти за престој, превозници и за истото да може како помош да биде искористено од сите учесници во секторот, од таа причина бараме задолжително да се користат преку туристичка агенција“, изјави Алексова.
Туристичките агенции бараат да се продолжи рокот на ваучерите кои се издадени за нереализираните патувања во 2020 година, наместо до 31.12.2021, до крајот на 2022 година, бидејќи за жал состојбите сеуште се неизвесни и не се знае дали и кога ќе се стабилизира ситуацијата и ќе може да се реализираат ваучерите.
„Барањата за поддршка на секторот туризам се реални и засновани на големите штети кои ги имаме, за што во овој момент ни е потребна помошта за опстанок, за да не се соочиме со колапс. Барања за помош досега неколку пати се доставувани до надлежните институции, и затоа од вторник 20 април ќе се приклучиме на протестот на угостителите и ќе останеме пред институциите, се до моментот додека нашите барања не бидат во целост прифатени“, истакна Алексова.